Оние кои се огрешиле од законот во изминатите седум години е дегутантно да ги браниме, а направиле криминал од епски размери, рече Дејан Проданоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Јавноста очекува разрешница на сите случаи кои што беа спомнати. Пресумпцијата на невиност се разбира дека се почитува, меѓутоа треба институциите на системот, односно онаа трета власт треба да почне да функционира, а знаеме дека длабоко во нејзе се вкоренети луѓе кои што биле директни членови или високи партиски функционери на партијата која што сега е во опозиција“, вели Проданоски.
Пратеникот посочи дека полицијата бележи историски напредок во разоткривањето на криминал од висок степен и дека ова е тоа што граѓаните сакаат да го видат.
– Сметам дека акцијата спроведена од Министерството за внатрешни работи поврзана со истрагите за Државната лотарија е најмалку што можеше да направиме за на некој начин да го покренеме Обвинителството да направи некои чекори во покревањето на кривична пријава. Можам да ја потврдам тезата дека сега е поразлично и дека е поинаку, при овие кривични пријави немаше драма, немаше театар. Со добро изградени случаи, мислам дека ова е историски напредок на полициските службеници во разоткривање на криминалот од висок степен. Нашите граѓани гласаа за ова, гласаа за да има правда во оваа држава и сметам дека се движиме во вистински правец, без политички примеси во дејствувањето на органите – објасни Проданоски.
Проданоски нагласи дека државата е дојдена до ваква ситуација заради нарушувањето на системите во изминатите години.
– Ние заради нарушување на сите системи кои постоеја дојдовме до една ваква ситуација да белата чума е толку распространета. Последните иселувања се врз основа на она што значи несигурност во системот, а не од економска природа – рече Проданоски.
![]()

