Бугарскиот пратеник Ангел Георгиев во тамошните медиуми ја пласира истата теза на неговиот сопартиец и лидер на бугарската политичка партија „Преродба“ Костадин Костадинов кој вчера изјави дека Македонија треба да се припои кон Бугарија.
Георгиев оди и подалеку и вели дека „таканаречената држава Република Северна Македонија е населена со Бугари, така што апсолутно нормално е таа да е во рамките на бугарската држава“.
„На сè што ќе се каже од Бугарија таму ќе има негативни реакции, едноставно поради тоа што локалната политичка елита, локалниот естаблишмент таму, директно е зависен од Белград. Тие таму, едноставно, се марионети, па сè што ќе дојде од Бугарија, дали тоа ќе биде чествување на некој историски настан или впишување на Бугарите во Уставот, што самите го прифатија, тие секогаш се против. Таму, едноставно, имаме апсолутен распад на државноста, ако можам така да се изразам, целосна зависност од Белград. Тоа не е нешто ново. Тоа, пак, што е суштината на нашето барање ние со години го зборуваме: реално, обединувањето е почнато, но не е довршено. Имавме прво бугарско обединување меѓу Кнежевство Бугарија и Источна Румелија. Сега е на ред, сосема наскоро, да имаме второ бугарско обединување меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тоа го бара правдата, историската вистина, правичноста бара Бугарија и Северна Македонија да бидат една држава. Зошто таму живее народ што зборува бугарски јазик. Таа географска област, т.н. држава Република Северна Македонија, реално, е населена со Бугари, така што апсолутно нормално е таа да е во рамките на бугарската држава“, изјави Георгиев за „eurokom.bg“.
Георгиев, е инаку пратеникот кој беше уапсен на граничниот премин „Деве Баир“, беше протеран и доби забрана за влез во Македонија во траење од три години поради провокации за време на чествување на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Тој тогаш за бугарските медиуми изјави дека бил тепан со тупаници и клоци од македонската полиција.
Партијата Преродба во моментов е трета политичка сила во Бугарија со 38 пратеници од вкупно 240 во парламентот, како и со тројца европратеници.
![]()

