СРБИЈА ни порача дека протераната МАКЕДОНКА била БЕЗБЕДНОСНА ЗАКАНА – што вели македонското МНР?

Министерството за надворешни работи на Македонија изразува загриженост поради протерувањето од Република Србија и забраната за влез од една година на македонски државјанин со регулиран престој во државата, кој според наводите на надлежниот орган на Република Србија, претставува „безбедносна закана“.

„Во овој контекст МНР и НТ ќе побара објаснување во поглед на оправданоста на преземените мерки, посебно имајќи го предвид нашето очекување дека истите се во согласност со законските рамки на Република Србија, но и со европските и меѓународни стандарди за човекови права. Искрено очекуваме дека овој случај ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни, како и во интерес на задржување на континуитетот во градењето на пријателските и добрососедски односи помеѓу двете земји“, велат од МНР.

Инаку, станува збор за извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо која е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од српската полиција и депортирана од Србија во Македонија.

Во писмена изјава за МИА таа посочува дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.

Loading