ГОЛЕМА БОЛКА И НЕПРАВДА 18-годишната Михаела дојде на одмор во Македонија и загина од несовесен возач

И по година и пол откако во сообраќајна несреќа загина 18-годишната Михаела Стевановска од Прилеп, семејството нема никакви информации до каде е постапката. Бараат правосудниот систем да работи брзо и ефикасно, оти не знаат дали случајот е во Обвинителството или е на суд, пишува СДК.

Тие нивната болка ја кажаа на саботниот протест „Стоп за жртвите од сообраќајното насилство“ во Неготино, по повод смртта на 22-годишната Фросина Кулакова која беше прегазена на булеварот Партизански одреди во Скопје.

„Внуката Михаела Стевановска почина на 28 август 2023 во сообраќајка во Прилеп. Се знае сторителот, возачот на автомобилот. Но, до ден денес немаме никаков абер што се случува, ниту обвинителство ни кажало, ниту судот во Прилеп нè повикал, има ли обвинет, а поминаа година и пол. За каква правда зборуваме, девојчето почина, а сторителот се шета на слобода? Секое чекање е голема болка и за родителите и за нас роднините“ , рече нејзината вујна.
Според полицискиот билтен, сообраќајката е случена на 28.08.2023 во 21.58 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Прилеп, на место викано Циглана во село Долнени, Прилепско, кога патничко моторно возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од В. М. (18) од село Пешталево, излетало од патот.

Од здобиените повреди на местото починала сопатничката Михаела Стевановска од Прилеп. Тешки телесни повреди имаа возачот В. М. и другата сопатничка Б. С. (18) од Прилеп.

Loading