Европските лидери на самит во Лондон – На маса со Зеленски за безбедноста на Украина

Денеска во Лондон ќе се одржи самит посветен на на европските активности за Украина и за безбедноста, во организација на британскиот премиер Кир Стармер, на којшто ќе учествуваат 15-тина лидери од Европа.

Во пресрет на самитот, Стармер претпладнево ќе има телефонски разговори со лидерите на балтичките земји, по што ќе одржи средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Европскиот самит како што е најавено треба да одржи денеска попладне и на него се очекува да присуствуваат лидерите на Германија, Данска, Италија, Норвешка, Полска, Романија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Чешка, Шведска и Шпанија, како и Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Стармер го свика лондонскиот самит по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон во четвртокот на која, меѓу другото, се разговараше за напорите за постигнување мир во Украина, за испраќање мировни сили во земјата по евентуален договор за прекин на огнот, како и за зголемувањето на трошоците за одбраната.

Дауниг Стрит 10 во петокот вечерта соопшти дека Стармер имал телефонски разговори со Трамп и Зеленски, по нивната скандалозна средба во Белата куќа. На средбата, кој заврши со предвремено напуштање на Зеленски на Овалниот кабинет, Трамп му порача на својот украински колега дека „треба да биде поблагодарен за американската помош“ и го обвини дека „се коцка со Третата светска војна“.

Денешната средба во Лондон е трет европски самит посветен на Украина и безбедноста во изминативе две недели, по оној на 17 февруари во Париз, чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон и онлајн лидерскиот состанок одржан неколку дена подоцна. Украина беше тема и на Меѓународниот самит за поддршка на Украина во Киев на 24 февруари, на кои учествуваа и Кошта, Фон дер Лајен, неколкумина европски лидери и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Средбата во Лондон доаѓа пред специјалниот Самит на ЕУ, закажан за в четврток, на кој исто така главни теми ќе бидат Украина и одбраната на Европа.

Loading