„Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно, како што ти знаеше да прегрнеш!“: сопругата се прости од музичарот Филип Стевановски

Во пожарот во Кочани загина музичарот Филип Стевановски од Куманово, член на бендот ДНК.

Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез-науки, а беше вработен како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.

Филип Стевановски неодамна беше назначен и за директор на Центарот за култура во Штип.

Неговата сопруга Ирена Стевановска се огласи на социјалните мрежи и се прости од него со емотивни зборови.

„Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда, која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека не чуваш од небото!

Лора беше твоето се, музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш се што имаше замислено.

Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше се за сите да бидеме среќни и насмеани.

Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој.

Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но се што сме сакале Лора да успее – ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш зад облаците!

Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно, како што ти знаеше да прегрнеш!“, напиша таа.

Loading