Голем пожар на отворено избувна во околината на Струмица, зафаќајќи го потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде што постои сериозна закана за куќите. Огнената стихија се шири неконтролирано во повеќе правци, а сите расположливи сили се на терен во обид да го стават пожарот под контрола.
Според достапните информации, поради силниот ветер пожарот брзо се шири. Засега нема информации како избувнал пожарот.
Струмичката противпожарна единица е целосно мобилизирана, а напомош пристигнуваат и пожарникари од други градови.
Локалните власти и полицијата се вклучени во координацијата на спасувачките активности со цел да се спречи натамошно ширење на пожарот и да се заштитат објектите и населението.
Ситуацијата е крајно сериозна, а граѓаните се повикуваат на претпазливост и соработка со надлежните служби.
![]()

