Соединетите Американски Држави и Украина потпишаа договор со кој им се дава пристап на САД до вредните ретки минерали на Украина, за кој Украина се надева дека ќе обезбеди континуирана американска поддршка за Киев во војната со Русија.
Со договорот се основа Инвестицискиот фонд за обнова на Украина, за кој американското Министерство за финансии рече дека ќе им овозможи на двете земји „да работат заеднички и да инвестираат заедно за да се осигураат дека заедничките средства, таленти и способности можат да го забрзаат економското закрепнување на Украина“.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент во соопштението за печатот рече дека договорот „јасно и сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран на слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок“.
Бесент го нарече основањето на американско-украинскиот инвестициски фонд за реконструкција историско економско партнерство и му одаде признание на американскиот претседател Доналд Трамп за притисокот да се потпише како дел од неговите напори за крај на војната.
„Како што рече претседателот, Соединетите Американски Држави се посветени да помогнат да се олесни крајот на оваа сурова и бесмислена војна“, рече Бесент.
Трамп изрази фрустрација поради бавното темпо на напредок во преговорите. Американскиот Стејт департмент на 29 април повторно се обиде да ги натера двете страни да се придвижат побрзо и предупреди дека Вашингтон може да се повлече од разговорите доколку нема напредок.
![]()

