Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната прес-конференција објави дека Владата го усвоила Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и најави дека истиот Договор веќе во четврток, делегација предводена од вицепремиерот Николоски ќе биде потпишан во Лондон.
“Една од одлуките на седница е Владата на Република Македонија да го прифати Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетето Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно Договорот Влада со Влада. Целта нa Договорот е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори во Република Македонија. Првичната група на проекти се веќе споменати во јавноста во делот на здрaвството и во делот на транспортот. Исто така многу значајно за мене е да се разменуваат знаења и практики користејќи експертиза од Владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за подршка на реализација на проекти но исто така и на трансформација на јавната администрација и приватниот сектор со експертиза од бизнис заедницата од Обединетото Кралство но и од владините агенции“.
Најави дека ќе се разменуваат знаења во здравството, транспортот, технологијата, енергетиката и клучните критични сектори, а за изградба на капацитетите на Владата на Македонија ќе се користи експертиза од Обединетото Кралство.
Оваа соработка, рече Николоски, ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и политиките на секоја од двете земји.
Учесниците, како што појасни, ќе работат заедно да ги истражат можностите за мобилизирање на средства за финансирање на проекти и што е многу значајно, Владата на Обединетото Кралство го потврдува интересот и капацитетот преку Инструмнтот за финансирање на извозот или УКЕФ, со што става на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти во Македонија.
Нагласи дека ова ќе биде проектно финансирање и финансирање кое ќе оди исклучиво со реализација на проекти.
„Ова е рамка која не значи дека целосно ќе се искористи но е рамка што е располагање и која што можеме да ја користиме.
Она што сум горд е што добивме и официјална покана од Владата на Обединетото Кралство и покана до мене, за да се потпише овој Договор Влада со Влада на 22 мај, тоа е овој четврток и можам да Ве информирам дека Владата ме овласти да го потпишам овој договор. Ќе предводам владина делегација која што покрај мене, ќе бидат и потпретседателот на Владата и министер за животна средина Изет Меџити, понатму министерката за образование Весна Јаневска, директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура Синиша Ивановски и останати соработници и мислам дека ќе имаме два плодни дена за соработка. Утре имаме средби со министерот за внатрешни работи на Обединетото Кралство и министерот за одбрана, имаме и средби со претставници од Инструментот за финансирање. Во четврток е главната церемонија, а исто така во четврток ќе имам средба и со директорот на Рајанер од каде што очекувам да произлезат и нови летови кон Скопје“- истакна вицепремиерот Николоски.
![]()

