18 години по исчезнувањето на Меделин Мекен почнува нова потрага

Пребарувањето ќе се спроведе во Праја да Луз, одморалиштето Алгарве каде што меделин исчезна пред 18 години, според извештаите на медиумите.

Меделин имаше три години кога исчезна од туристички комплекс на 3 мај 2007 година. Тоа поттикна полициска истрага низ цела Европа и стана еден од најпознатите нерешени случаи на исчезнати лица во светот.

Метрополитенската полиција во Лондон соопшти дека не била вклучена во новата потрага, но била запознаена со операцијата што ја спроведуваат германските власти.

„Свесни сме за претресите што ги спроведува БКА (германска федерална полиција) во Португалија како дел од нивната истрага за исчезнувањето на Меделин Мекен“, соопшти лондонската полиција.

Германските власти утрово излегоа со соопштение во кое потврдуваат дека „во Португалија моментално се водат кривични постапки како дел од истрагата за случајот Меделин Мекен“.

Тие додадоа дека претресите се спроведуваат со поддршка на португалската полиција.

Ова е прво претресување по две години. Последното се случи во близина на оддалечена брана, на околу 40 минути возење од местото каде што Меделин последен пат била видена.

Според локалните медиуми, новото претресување ќе се фокусира на областа помеѓу одморалиштето каде Меделин престојувала со семејството и куќата каде што претходно живеел главниот осомничен во германската истрага, Кристијан Брикнер.

Loading