Најголем предизвик во периодот кој следи за премиерот Христијан Мицкоски и за Владата ќе биде овозможување систем кој ќе може брзо да ја испорача правдата и во кој нема да може да функционира „бандитизмот“ создаден од политички и бизнис структури кои работат во широка коалиција, бидејќи, според него, од тоа ќе зависат многу следни политички случувања во државата.
-Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по нарко бандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судство и обвинителство кое сега го немаме. Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме и ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе не води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде мој најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.
![]()

