„Македонија припаѓа во ЕУ“: Извештајот за напредокот на Македонија е усвоен во Европскиот парламент

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска со широко политичко мнозинство го усвои Извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година, кој го подготви австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц.

„Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да го донесеме овој добро избалансиран извештај. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж. Северна Македонија припаѓа во ЕУ.“, изјави Вајц по усвојувањето, нагласувајќи дека мора да се искористи моментумот за забрзување на процесот на проширување.

Извештајот, кој првично требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, беше одложен поради противењето од бугарските европратеници, кои се спротивставија на јасното именување на македонскиот јазик и идентитет во документот. Вајц тогаш остана цврст во ставот дека текстот го одразува консензусот на сите пратенички групи и е резултат на интензивни, но конструктивни дебати.

Во самиот документ се нагласува важноста од задржување на кредибилитетот на проширувањето, се поздравува усогласеноста на Македонија со европските политики, и се повикува на брзо продолжување на преговорите за членство. Особено внимание се посветува на потребата од спроведување на уставните измени, како и на дипломатската потврда за македонскиот јазик и идентитет, која се содржи преку неколку конкретни референци во текстот.

Следниот чекор е гласањето на пленарната седница на Европскиот парламент, што ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур. Во меѓувреме, бугарски европратеник најави дека ќе достави додаток во форма на „мислење на малцинството“, што укажува дека тензии околу македонското прашање остануваат присутни и покрај европското мнозинство кое го поддржува пристапниот пат на земјата.

Loading