По повеќе од една година од монструозното двојно убиство што ја потресе јавноста, Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече доживотни казни затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, обвинети за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението.
Судијата Ивица Стефановски пресудата ја образложи со квалификација за „свирепо и со особена суровост“ извршено кривично дело. Судот утврди дека сите четворица обвинети ги испланирале и извршиле киднапирањето и убиствата со користољубив мотив, со цел да изнудат откуп од мајката на Вања. Вања била врзана, затворена во вреќа за спиење и сместена во багажник, а подоцна била застрелана со пиштол преку перниче, за да се задуши звукот. Жежовски бил застрелан неколку дена претходно, за да им го отстапи своето возило, кое подоцна било користено во киднапирањето на девојчето.
Судењето, кое започна во септември 2024 година, траеше речиси девет месеци и беше проследено со 35 рочишта. Обвинетите на почетокот негираа вина, а подоцна започнаа да се обвинуват меѓусебно. Обвинителството најави жалба на ослободителната пресуда за таткото, кој, според нив, бил во координација со сторителите и ја дал информацијата дека девојчето ќе оди само на училиште.
Во завршните зборови, беше откриено и дека по убиствата оружјето и опремата биле предадени на вработен во Народната банка, против кого е отворена нова истрага. Судот му одреди мерки на претпазливост.
Оваа пресуда претставува прв значаен правосуден епилог во случај што ја шокираше јавноста, но сепак остава многу отворени прашања околу можната поширока мрежа и институционална вмешаност. Обвинителството порача дека казната испраќа порака дека ниту едно убиство нема да остане неказнето.
![]()

