Вајц: Мора да се бориме против српското влијание во Северна Македонија

Во Северна Македонија гледаме многу странско влијание. Мора да се бориме против него, без разлика дали е српско, кинеско или руско.

Ова го изјави известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во Стразбур, објави БГНЕС. За неговиот извештај ќе се гласа на 9 јули.

Тој нагласи дека извештајот го содржи условот за промена на Уставот и конкретно, вклучување на Бугарите во него, според написите на медиумот.

„Извештајот посочува говор на омраза, потреба од владеење на правото и борба против корупцијата“, вели Вајц, повикувајќи на слобода на медиумите и јасна одговорност за нивната сопственост.

Комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, од своја страна, рече дека „единствениот пат напред – пред сè – е промена на Уставот“. Таа го повика Скопјe да ги почитува основните права, слободата на изразување и слободата на медиумите.

Ивајло Валчев (ИТН-ЕКР) ги праша своите колеги: „Во која земја може да се осуди лице за цитирање историски личности? Во која земја се напаѓаат луѓе поради нивното потекло? И која земја си дозволува да ги погази меѓународните договори?“

„Денес, Љубчо Георгиевски е со нас во салата и може да одговори на овие прашања затоа што е достоен Бугарин на кого му се заканува казна само затоа што има храброст да се нарече Бугарин од Македонија. Искрено верувам дека патот на РСМ е да биде дел од Европа, но властите таму мора да ги напуштат своите господари од Белград и Будимпешта и да ги заштитат човековите права, да ги почитуваат обврските што ги презеле“, додаде Валчев.

Андреј Ковачев од ГЕРБ/ЕПП рече дека политичарите во Скопјe го саботираат процесот на европска интеграција и Европската Унија не треба да затвора очи пред ова.

„Наместо реформи и вистински напредок, гледаме популизам, националистичка реторика и погодно претставување на Бугарија како непријател, поради што европската интеграција на земјата не оди добро. Оваа политика води кон директни репресии врз луѓето кои го зачувале својот бугарски идентитет – наследниците на мнозинството македонски Бугари. Тие се подложени на притисок, дискриминација и отворени закани, како во случајот со г-дин Георгиевски – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница“, забележа тој.

Loading