Центарот за управување со кризи утрово алармираше дека изминатото деноноќие во Република Македонија се регистрирани дури 38 пожари на отворено, што покажува дека опасноста од пожари останува висока, особено во овие топли и суви денови.
Од вкупниот број на пожари, три се сè уште активни, пет се ставени под контрола, додека дури 30 се изгаснати благодарение на брзата интервенција на противпожарните служби, локалните единици на ЦУК и граѓаните.
Моментално активни се пожари во село Николич (Општина Дојран) каде што гори нискостеблеста шума, село Џидимирци (Велешко) со мешана шума, и во поширокиот појас меѓу селата Црешнево, Крапа и Локвица во Македонски Брод, каде се проширил пожар низ дабова шума и грмушки.
Под контрола се неколку пожари на различни локации, меѓу кои два околу село Слатина во Македонски Брод, во Чучер Сандево (меѓу селата Блаце и Горњани), како и два пожара на депонии во општина Долнени, во селата Црнилиште и Дебреште.
Најголемиот дел од пожарите се веќе изгаснати, но списокот е долг и сведочи за сериозноста на ситуацијата. Горела ниска вегетација, мешани и деградирани шуми, депонии, стрништа, гранки, па дури и објекти, како во село Делисинци (Свети Николе), каде била зафатена и куќа, или во Македонски Брод каде пожарот се проширил од фабриката Самоков.
Најмногу пожари биле забележани на територијата на Куманово, Струмица, Македонски Брод и Босилово, но инциденти имало и во Скопје, Прилеп, Ресен, Битола, Гевгелија, Радовиш, Велес, Крива Паланка, Чашка и други.
Центарот за управување со кризи апелира на внимателност при движење и активности на отворено, особено во природа, каде и најмала искра може да предизвика поголема трагедија. Граѓаните се повикуваат да не палат оган во шума, на ниви или во близина на објекти и да пријават секое сомнително движење или дим на бројот 193.
Останува да се следи состојбата на терен, бидејќи и покрај стабилните временски услови, ризикот од пожари е сè уште висок, а природата веќе трпи сериозни последици.
![]()

