Мицкоски: Илинден е живата вистина за Македонија и темелот на нашата државност

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи упати честитка по повод 2 Август – Илинден, истакнувајќи дека овој празник не е само историски симбол, туку жив потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава.

„Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност. Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава“, порача премиерот.

Тој нагласи дека Илинден е ден кога се сеќаваме на храброста и жртвата на оние кои ја започнаа борбата за самостојност и достоинство, додавајќи дека „тој стремеж денес е остварен, но не и завршен.“

„Затоа, Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност. Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината“, истакна Мицкоски.

Премиерот подвлече дека Илинден не треба да се гледа само како историски спомен, туку како постојан повик за институциите да работат чесно, одговорно и посветено за иднината на земјата.

„Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните. Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро. И ќе покаже!“, рече тој.

Мицкоски ја заврши пораката со повик за единство, потсетувајќи дека Илинден обединува и инспирира.

„Да извлечеме сила од историјата и да ја претвориме во иднина. Да ја продолжиме борбата, но со знаење, визија и одговорност. Нека е вечен Илинден! Нека е жива и вечна Македонија!“, порача премиерот.

Loading