Трамп по телефонски разговор со Путин најави тристрана средба заедно со Зеленски

Трамп вели дека потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф се координираат со Русија и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа имал телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, а за кој информираше со објава на неговата платформа Трут сошал. Разговорот со Путин следувал по средбата на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа.

„На крајот од состаноците го повикав претседателот Путин и започнавме со подготовките за состанок, на локација што ќе се одреди, а која ќе биде меѓу Путин и Зеленски. Откако ќе се одржи тој состанок, ќе имаме трилатерална средба, на која ќе со двајцата претседатели ќе бидам и јас. Ова беше многу добар, ран чекор за војна што трае речиси четири години“, напиша Трамп на Трут сошал.
Тој додаде дека потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф се координираат со Русија и Украина.

Инаку, Трамп синоќешната средба во Белата куќа со Зеленски и европските лидери рече дека била многу добра и оти сите се задоволни од можноста за мир меѓу Русија и Украина.

„Имав многу добра средба во Белата куќа со угледни гости, меѓу кои претседателот на Украина Володимир Зеленски, претседателот на Франција Емануел Макрон, претседателот на Финска Александер Стуб, премиерката на Италија Џорџа Мелони, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер, канцеларот на Германија Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Средбата заврши со дополнителни разговори во овалната соба“, напиша Трамп.

За време на состанокот тој вели дека разговарале за безбедносните гаранции за Украина, а кои би ги обезбедиле различните европски земји, во координација со Соединетите Американски Држави.

„Сите се многу задоволни од можноста за мир“, додава Трамп.

Loading