Кардиологот Сашко Кедев објави најавена тужба од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, истакнувајќи дека тоа ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.
Откако Кедев во гостувањето на Канал 77 изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции, болницата побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека доколку тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.
„Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев. Тој додаде дека ваквите практики, доколку се случуваат во други земји, би биле строго санкционирани.
„Систина“ реагираше со соопштение во кое ја потенцира својата репутација како здравствена установа со 25-годишно искуство, дел од една од најголемите светски групации на болници, со мултидисциплинарен тим од 260 доктори. Болницата нагласува дека сите одлуки за третман се носат врз основа на медицински индикации и највисоки етички стандарди, и бара Кедев јасно да прецизира за која установа се однесуваат неговите тврдења.
Министерството за здравство соопшти дека веќе се координира за проверка на тврдењата, со вонредни надзори и стручен тим, за да се добие целосна слика за евентуални злоупотреби. Министерот Азир Алиу истакна дека дигитализацијата на здравствениот систем преку платформата Мој Термин ќе овозможи двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните установи, со што ќе се обезбеди транспарентност и контрола на финансиските средства.
![]()

