Нова ера на трансфер на пари во ЕУ: Сите плаќања ќе се проверуваат преку „семафор“ систем

Од 9 октомври 2025 година, сите банкарски трансфери во рамки на Европската унија ќе мора да минуваат низ нова проверка на примачот, која овозможува проверка на името на корисникот во однос на соодветниот IBAN, пренесуваат германските медиуми.

За секој трансфер, банката ќе ја проверува точноста на внесените податоци и ќе го прикажува резултатот преку визуелен „семафор“ систем. Зелена боја ќе означува целосно поклопување, жолта боја ќе покажува делимично поклопување и ќе бара дополнителни детали, додека црвената боја сигнализира дека податоците не се поклопуваат.

Во случај на црвено, клиентот одлучува дали ќе ја изврши уплатата или ќе ги провери податоците со примачот. Според Германското здружение на банки, оваа мерка е воведена со цел да се намали ризикот од финансиски измами.

Новата проверка ќе важи не само за онлајн банкарство, туку и за уплати на шалтер, каде што службеникот на банката ќе ја врши контролата на лице место. Сепак, автоматска проверка нема да биде можно за уплати ставени во банкарски поштенски сандучиња, па во тој случај клиентот ќе мора да ја контактира својата банка за да се увери дека трансферот е успешно извршен.

Оваа иницијатива на ЕУ има цел да ја зголеми безбедноста на финансиските трансакции и да ги намали шансите парите да завршат кај погрешна личност.

Loading