Моди ги зацврстува врските со Кина и Русија спротивно на ставот на Трамп

Индискиот премиер Нарендра Моди го искористи своето прво патување во Кина по седум години за да ги обнови односите со моќниот сосед на Индија, истовремено настојувајќи да ги зајакне врските и со Русија, додека претседателот Доналд Трамп ги зголемува тензиите со Њу Делхи.

Моди во неделата имаше разговори со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Тијанџин на регионален безбедносен и економски самит, при што двете страни ветија дека ќе бидат партнери, а не ривали. Според официјалните соопштенија, тие разговарале за граничните прашања, обновување на директните летови и зголемување на трговијата.

Моди денеска се сретна со претседателот Владимир Путин на самитот во Тијанџин, во време кога односите меѓу двете земји се под лупа. Трамп јавно ја нападна Индија за купување нафта од Русија, обвинувајќи го Њу Делхи дека го финансира војувањето на Путин во Украина. Администрацијата на Трамп минатата недела воведе царини од 50 отсто на индиската стока наменета за САД, што е највисоко ниво во Азија, со цел да ја казни за тие енергетски набавки.

Потезите на Трамп ѝ покажале на Индија дека не може да се потпира на односите со САД, изјави Анил Тригунајат, поранешен индиски амбасадор во Јордан, Либија и Малта.

„Важно е за земји како Индија да го најдат својот сопствен пат и сопствени партнери,“ изјави Тригунајат за „Тајмс Нау“ (Times Now) во неделата.

Моди разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неговото патување во Кина, повторувајќи го својот повик за мир. Зеленски изјави дека Индија е подготвена „да испорача соодветен сигнал до Русија и другите лидери“ за време на средбите на Моди во Тијанџин.

Моди последен пат разговарал со Путин по самитот на рускиот лидер со Трамп на Алјаска, во обид да се постигне мировен договор. Се очекува Путин да ја посети Индија подоцна годинава.

Соработниците на Трамп, како Питер Наваро, изјавија дека Индија профитира од војната, купувајќи нафта со попуст од Русија, ја рафинира и ја продава на купувачи во Европа и на други места. Високи претставници на Моди ги бранеа долгогодишните врски на Индија со Русија и тврдеа дека САД претходно ги охрабрувале овие набавки на нафта за да се спречи пад на глобалните цени на енергенсите.

Наваро во неделата ги повтори своите критики, велејќи во интервју за „Фокс Њуз“ (Fox News) дека Индија не купувала многу нафта од Русија пред нејзината целосна агресија врз Украина, но дека сега го потхранува „рускиот воен апарат“. Тој додаде дека „Индија не е ништо друго освен пералница за Кремљ.“

„Моди е одличен лидер,“ рече Наваро. „Не разбирам зошто се вплеткува со Путин и Шји Џинпинг, кога е најголемата демократија во светот.“

Loading