Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „навистина ме разочарал“, но нагласи дека сојузниците мора да престанат да купуваат нафта од Русија доколку сакаат САД дополнително да интервенираат и да извршат притисок врз Кремљ за да ја заврши војната во Украина.
„Многу едноставно, ако цената на нафтата падне, Путин ќе се повлече“, изјави Трамп во четвртокот по средбата со британскиот премиер Кир Стармер. „Нема да има избор. Ќе мора да се повлече од таа војна.“
Иако Трамп рече дека би бил подготвен да разгледа и други мерки за да го казни Путин, посочи дека тие чекори би зависеле од тоа дали сојузниците ќе ги прекинат набавките на руска енергија.
„Подготвен сум да направам и други работи, но не кога луѓето за кои се борам купуваат нафта од Русија“, изјави Трамп.
Европската Унија разгледува начини побрзо да ги укине увозите на руски течен природен гас. Исто така постојат планови за можен состанок меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната недела.
Еден предлог од САД предвидува секундарни царини од дури 100 отсто на стоки од Кина и Индија, како и други трговски ограничувања со цел да се намали протокот на руска енергија и да се спречи трансферот на технологии со двојна намена во Русија.
Но, агресивни чекори, вклучително и запирање на набавките на енергенси, веројатно нема да бидат прифатени од некои земји кои имаат можност да ги блокираат заедничките одлуки на Европската Унија. Тоа ги остави разговорите во ќор-сокак и отвори прашања дали Трамп, кој долго време уживаше пријателски однос со Путин, е навистина посветен на кампањата за притисок.
Стармер исто така сугерираше дека некои европски држави не направиле доволно за да се ослободат од зависноста од руските енергетски ресурси.
„Мислам дека тоа е предизвик за Европа“, изјави тој. „Постојат одреден број европски земји кои се премногу зависни од Русија.“
Трамп, при враќањето кон Вашингтон, во претседателскиот авион „Ер форс уан“ им изјавил на новинарите дека Обединетото Кралство „не е меѓу виновниците“ за купување нафта, додавајќи дека британскиот премиер се согласил дека сојузниците треба да ја прекинат трговијата со руска нафта.
![]()

