ДУИ изрази негодување – Оливер ИМ ВЕТИЛ ДВОЈАЗИЧНИ УНИФОРМИ, а ПАНЧЕ ги нарачал само на македонски

Новиот тендер кој го објави вчера Министерствотото за внатрешни работи (МВР), за како што велат, нови униформи за замена на старите, непрактични и нефункционални униформи со нови, модерни, квалитетни и функционални по терк на европските полиции, предизвика реакции кај дел од медиумите на албански јазик и кај опозициската ДУИ.

– Министерството во процесот кој е целосно транспарентен и одговорен, оствари технички дијалог со дури 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози. Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани. Македонската полиција заслужува да биде модерна и функционална европска полиција, соопшти МВР.

Од МВР потенцираат дека новата униформа, во себе ќе содржи елементи како виндјакна, теренска јакна, теренски панталони летни и зимски, кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми.

Според прикажаната фотографија со новите униформи, на ознаките „Полиција“ освен кирилично писмо, не се прикажува и латинично.

Од Демократската Унија за Интеграција ( ДУИ), денеска преку соопштение ја осудија дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи на принципите на Охридскиот договор и Законот за употреба на јазиците.

Во 2022 година, тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во емисијата на Алсат „Патот кон“ ( Rruga drejt) најави дека до март 2023 година полициските униформи и амблеми ќе бидат двојазични.

„Уредбата беше одобрена од Владата и објавена во Службен весник на 18 март 2022 година. Таа стапи во сила 8 дена по нејзиното донесување, а ќе започне да се спроведува најдоцна 1 година од денот на стапување во сила, поточно најдоцна до 26 март 2023 година. Правиме подготовки и кога ќе истече рокот, треба да започне имплементацијата согласно Законот за употреба на јазиците“, изјави Спасовски.

„Демократската унија за интеграција го изразува своето најдлабоко негодување поради скандалозната одлука новите полициски униформи да бидат само на македонски јазик. Овој чин е флагрантно кршење на принципите на Охридскиот договор и Законот за употреба на јазиците, кој гарантира еднаквост и двојазичност во државните институции, а особено во полициските униформи.

Ова не е изолиран случај, туку продолжение на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе иницираше отстранување на албанскиот јазик како службен јазик во Уставниот суд. Она што го прави уште поскандалозно е сервилното молчење на албанските партии на власт, кои прифатија да станат вазали на антиалбанските политики, кршејќи го достоинството и правата на Албанците за ситни политички интереси.

Еднојазичните униформи не се само облека. Тие се симбол на идентитетот на државата, еднаквоста и почитувањето. Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, ова е доказ за губење на политичкиот суверенитет на албанските партии кои денес ги одразуваат интересите на ВМРО.

ДУИ јасно става до знаење: Албанците нема да прифатат вакви понижувања. Законот е јасен, во општините каде што Албанците се најмалку 20%, секоја државна институција е должна да ги користи службените јазици, вклучувајќи ги униформите и јавната комуникација.

Бараме итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука; замена на полициските униформи со двојазични натписи, според законот, и јавно извинување од албанските партии на власт, кои го одобрија овој срам.

Еднаквоста не е луксуз, таа е законска, морална и национална обврска. ДУИ не прифаќа компромис со достоинство. Албанците се жртвуваа за еднаквост и оваа срамна одлука ќе биде поништена.“, се наведува во соопштението на ДУИ.https://www.facebook.com/photo.php?fbid=1191512116335873&set=a.287624763391284&type=3&ref=embed_post

Loading