Дури и ако оружјето замолкне во Украина, економијата на Русија можеби никогаш нема да се повлече од бојното поле.
Години на огромни трошоци за одбраната ја држат земјата во состојба на милитаризација, што ги пренамени фабриките за воено производство и ангажира стотици илјади работници. Овој бран ја заштити економијата од пад, но токму тоа ја прави секоја промена на курсот опасна.
Кремљ нема намера да се повлече. Претседателот Владимир Путин гледа трајна потреба од добро опремена руска борбена сила — нешто од кое западните лидери стравуваат дека би можел да го насочи кон НАТО во рок од пет години — и сака да ја вгради просперитетната одбранбена индустрија во својата долгорочна визија.
Додека тој ги црта своите планови, а Европа троши милијарди за повторно опремување на своите армии за евентуално да може воено да одговори, прашањето ќе биде што ќе се случи со вишокот тенкови и ракети што руските фабрики ги произведуваат.
Москва би можела да го претвори она што во моментов е товар за буџетот во извор на приходи со продажба на оружје на сојузници како Кина. Но, додека руски тенкови и ракети се распоредуваат на источните граници на НАТО, дестабилизирајќи ги односите со Европа, постои ризик да станат товар за економија која веќе се бори со санкции, нестабилен банкарски систем и ослабен раст.
Путин, минатата недела, за време на посетата на најстарата руска фабрика за одбрана порача дека гледа подалеку од можниот крај на војната, нагласувајќи дека „побарувачката за модерна армија нема да заврши со тоа.“
Растот на руското воено производство е огромен. Пред целосната инвазија на Украина во 2022 година, планот беше во следната година да се испорачаат околу 400 оклопни возила. Сега се испорачува десетпати повеќе.
Русија воведе новини, воспоставувајќи сопствени производни линии за дронови, откако тие станаа клучно оружје во конфликтот. Првично се потпираше на увоз на дронови од Иран, но веќе минатата година произведе 1,5 милиони дронови — во споредба со 140.000 во 2023 година.
Сепак, трошоците од војната се огромни. Издатоците за одбраната меѓу 2022 и 2024 година изнесуваа најмалку 22 трилиони рубљи (263 милијарди долари), покажуваат достапните официјални податоци. А трошењето не покажува знаци на намалување во следните три години, што води кон годишни дефицити во буџетот кој веќе е под притисок од санкциите.
Русија може да се повика на последиците од Втората светска војна за насоки како да ги искористи проширените воени фабрики: преминот на Советскиот Сојуз кон воен режим во 1941 година ги постави темелите со што стана еден од водечките светски продавачи на оружје откако завршија борбите, вели Татјана Орлова од „Оксфорд економикс“ (Oxford Economics).
„Руско-украинската војна стана огромен полигон за тестирање на ново оружје и технологии“, рече таа. Откако конфликтот ќе заврши или ќе премине во фаза на „замрзнат конфликт“, „двете земји најверојатно ќе ја извезуваат технологијата и опремата што се покажале како најуспешни.“
![]()

