Хамас ги врати телата на уште двајца заложници, бараат време и опрема за да ги најдат другите

Доколку се потврди дека двете тела вратени во среда навечер се заложници, тоа би значело дека 19 сè уште се водат како исчезнати во Газа. Хамас вели дека ги предал телата на уште двајца израелски заложници според условите од договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, но вели дека му е потребно време и специјализирана опрема за да ги извлече останатите починати од урнатините на Газа, пишува Би-би-си.

Вооруженото крило на групата во соопштението вели дека е посветено на договорот и оти ги вратило сите тела на заложниците до кои успеало да стигне. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелските сили би можеле да продолжат со борбите во Газа доколку Хамас не го почитува договорот.

Во соопштението, канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека Израел добил – преку Црвениот крст – ковчези со телата на заложниците кои сега чекаат официјална идентификација.

„Израелските одбранбени сили ја повикуваат јавноста да дејствува со чувствителност и да почека официјална идентификација, која прво ќе им биде соопштена на семејствата на починатите заложници“, се вели во соопштението.

Би-би-си пишува оти високи американски советници рекле дека американската влада досега не верува дека Хамас го прекршил договорот со тоа што не ги извлекол останките од преостанатите починати заложници.

Советниците, според написот, тврделе дека Хамас дејствувал во добра намера со враќањето на живите заложници и соработува со разни соговорници за да ги пронајде и врати останките од заложниците.

Доколку се потврди дека двете тела вратени во среда навечер се заложници, тоа би значело дека 19 сè уште се водат како исчезнати во Газа. Хамас е должен да ги врати сите 28 мртви заложници како дел од првата фаза од мировниот план за Газа.

Loading