
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
Левичари со вкус на привилегија и црна кошула на лицемерието
Во македонската политичка лабораторија, идеологиите одамна се растопија во една густа мешавина од интереси, идентичности и суети. Најдобар пример за тоа е левичарството, кое од некогашна идеја за социјална правда и еднаквост се претвори во уште една форма на политички маркетинг. Денес, левичар не стануваш по уверување, туку по нарачка и колку повеќе ја истакнуваш својата „револуционерна“ реторика, толку подалеку си од вистинската промена.
Симболот на оваа идеолошка шизофренија би можел да биде ликот на Енвер Оџа – симбол на догматскиот, авторитарен тип на левичарство, каде што идеологијата се претвора во култ на личноста, а револуционерната реторика служи за репресија, не за ослободување.. Тој е заеднички лик на Димитар Апасиев и Али Ахмети, двајца лидери кои формално стојат на различни страни на идеолошкиот спектар, но суштински делат ист политички ДНК. Едниот зборува за класа, другиот за етнос, едниот повикува на правда, другиот на рамноправност но и двајцата ја користат истата матрица: поделба, контрола и персонална власт.
Проблемот со македонската левица не е само во лидерите, туку во целата култура на симулирано незадоволство. Да се биде левичар денес стана поза, не одговорност. Мнозина во јавниот простор се самопрогласени „борци за народот“, но нивниот гнев секогаш завршува таму каде што почнува нивниот личен интерес.
Од таквата поза произлегува и феноменот на „левичарството по нарачка“ , политичка стратегија што ја користат и лажните идеалисти и искрените циници. Првиот тип верува дека револуцијата е работа на статус на Фејсбук, a вториот знае дека со доволно патетика може да добие функција.
Како Енвер ги спои Апасиев и Ахмети
На прв поглед, тие два света се непомирливи: еден зборува за левичарска правда, другиот за етничка кауза. Но ако се загледаме подлабоко, ќе видиме дека Енвер успеал да ги спои. И двајцата го делат истиот код, верба дека партијата е народот, а лидерот е партијата.
Еден во име на работниците, другиот во име на заедницата, но и двајцата во име на СВОЈАТА МОЌ.
Тој спој е суштината на „енверизмот“ во македонска верзија: идеологија без самокритика, револуција без жртва, правда без морал.
Современиот македонски левичар е совршен продукт на тој дух. Зборува за сиромашните, но живее како привилегиран. Се појавува со црно кошулче, со поза на скромност, но зад таа фасада се крие истата елитна ароганција што ја осудува. Тој ја претвори сиромаштијата во политичка естетика, во декор за својата лична митологија.
Не е револуционерност, туку претстава, добро режирана, со внимателно дозиран гнев, сарказам и позирање пред камера.
Сиромашниот човек му служи како симбол, не како цел.
А кој всушност беше Енвер Оџа? Енвер Оџа беше диктатор што владееше во име на народот, но без народот. Денес, неговиот дух живее во секој политичар што зборува за правда, а не поднесува критика. Во секој што се претставува како глас на народот, а не поднесува кога народот ќе проговори сам.
Тоа е вистинската трагедија на македонската левица што наместо да го надмине Енвер, таа го воскресна. Во облик на интелектуална ароганција, култ кон личноста и идеолошка догма што не трпи поинакво мислење.
Македонскиот народ треба конечно да разбере дека не секој што зборува за сиромашните е на нивна страна.
Секој што глуми скромност за пред камера, а живее како елита, не е левичар – туку само нов Енвер со модерен изглед.
![]()

