Лидерот на движењето Беса, Билал Касами, кој се бори за втор градоначалнички мандат во Тетово, како кандидат на коалицијата ВЛЕН, денеска од Струга му даде поддршка на независниот кандидат за градоначалник на оваа општина, Менди Ќура.
За средбата меѓу Касами и Ќура во Струга информираа од прес-службата на независниот кандидат. Оттаму велат дека на состанокот било потенцирано значењето на поддршката меѓу општините и соработката на проекти кои, како што се наведува, директно влијаат врз подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Претседателот на Беса и еден од лидерите на ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, во врска со поддршката изјави дека ја даваат на кандидат кој дошол како предлог на стружани и оценува дека Ќура како градоначалник на Струга ќе го направи она што во минатото не успеале претходните градоначалници.
„Поддршката ја даваме за кандидатот кој дојде како предлог од стружани и не може да биде поинаку освен ние како ВЛЕН да го поддржиме, затоа што цениме дека на Струга ѝ треба кандидат како Менди Ќура, кој претходно како бизнисмен придонесуваше за подобрување на животот на стружани. Цениме дека како градоначалник на Струга тој ќе го компензира тоа што во минатото не го направија претходните градоначалници“, изјавил Касами.
![]()

