САД испратија нацрт-резолуција до членките на Советот за безбедност на ООН со која се предлага воспоставување на меѓународни безбедносни сили (МСБ) во Појасот Газа, со мандат од најмалку две години.
Според документот, овие сили би имале задача да ги обезбедуваат границите со Израел и Египет, да ги штитат цивилните и хуманитарните коридори, како и да помогнат во обука на нови палестински полициски единици. МСБ би делувале во соработка со новоформираниот „Мировен комитет за Газа“.
Резолуцијата предвидува и процес на демилитаризација, кој вклучува уништување и спречување на обновување на воената и терористичката инфраструктура, како и разоружување на сите недржавни вооружени групи во регионот.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, изјави дека одлуката за учество на турски трупи ќе зависи од конечната верзија на резолуцијата и од тоа дали ќе биде усвоена без вето од постојаните членки на Советот за безбедност.
Во моментов продолжуваат дипломатските консултации и разговорите меѓу партнерските земји за финализирање на документот, кој доколку биде усвоен, би означил нова фаза во меѓународното ангажирање околу постконфликтната стабилизација на Газа.
![]()

