Тимот на Трамп ја преиспитува финансиската помош за Њујорк по победата на Мамдани

Помошниците на американскиот претседател Доналд Трамп во деновите по изборната победа на Зохран Мамдани на градоначалничките избори во Њујорк ги разгледуваат федералните средства што ѝ користат на градската власт, со цел можно нивно замрзнување или укинување, изјави во вчера висок функционер на Белата куќа, нагласувајќи ја заканата од одмазда по победата на демократскиот социјалист.

Администрацијата чека Трамп да даде зелено светло за евентуално замрзнување на средствата, изјави истиот функционер, кој инсистираше на анонимност, бидејќи претседателот сè уште не донел конечна одлука. Белата куќа и транзицискиот тим на новоизбраниот градоначалник досега не воспоставиле комуникација, додаде тој.

Функционерот не прецизираше кои конкретни програми би можеле да бидат погодени доколку Трамп, кој пред изборите повеќепати се обидуваше да ги мобилизира гласачите против Мамдани, навистина ја исполни заканата за повлекување на федералното финансирање за градот.

„Ќе стапам во контакт со Белата куќа додека се подготвуваме за преземање на функцијата, затоа што овој однос ќе биде клучен за успехот на градот“, изјави Мамдани во интервју за „Ен-Би-Си Њујорк“ (NBC New York) емитувано во вторникот.

„Ќе нагласам дека сум тука за да работам во корист на сите што го нарекуваат овој град свој дом – и каде и да постои можност за соработка во таа насока, сум подготвен, но ако тоа биде на штета на Њујорчани, ќе се спротивставам.“

Мамдани минатата недела беше избран за 111-ти градоначалник на Њујорк, откако водеше кампања заснована на цврсто прогресивна платформа што предвидува замрзнување на кириите за повеќе од еден милион станови со стабилизирани закупнини, обезбедување универзална грижа за деца, финансирање бесплатен автобуски превоз и отворање продавници за храна под управување на градот, агенда што планира да ја финансира преку нови даноци за корпорациите и за најбогатите жители.

Таквата порака ги вознемири бизнис и финансиските кругови во Њујорк, како и дел од водечките демократи, предизвикувајќи жесток отпор. Поранешниот градоначалник Мајкл Р. Блумберг, основач и мнозински сопственик на компанијата „Блумберг ЛП“ (Bloomberg LP), која е матична на „Блумберг њус“ (Bloomberg News), го поддржа поранешниот гувернер на Њујорк Ендру Куомо, еден од противниците на Мамдани, и донираше средства на политички комитет што ја поддржуваше неговата кампања.

Во говорот по изборната победа минатата недела, Мамдани директно му се обрати на претседателот.

„Па, Доналд Трамп, бидејќи знам дека гледаш, имам четири зборови за тебе: ‘Засили го тонот’ “, рече тој, додавајќи: „За да допреш до некој од нас, ќе мораш да поминеш низ сите нас.“

За време на кампањата, Трамп постојано го нарекуваше Мамдани „комунист“ и предупредуваше дека неговиот избор ќе биде катастрофален за статусот на Њујорк како светска финансиска престолнина. Роден во Њујорк, претседателот ги повикуваше гласачите да застанат зад Куомо, кој се кандидираше како независен откако ги загуби внатрепартиските ибори против Мамдани, и се обидуваше да изврши притисок врз други кандидати, меѓу кои и републиканецот Кертис Слива, да се повлечат од трката.

Loading