Судењето за кочанската трагедија во која загинаа неколку млади лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе започне на 19 ноември 2025 година во Основниот суд во Кочани. Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички лица и 3 правни лица, меѓу кои се сопственици, проектанти, инспектори и поранешни државни функционери.
Меѓу обвинетите се наоѓаат Дејан Јованов – Деко, неговиот син и брат, како сопственици и управители на дискотеката „Пулс“, како и Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што се наоѓал локалот.
Одговорност е побарана и од лица од фирмата „Венци Проект“, меѓу кои и проектантот Милка Едровска, како и од надзорни инженери и лица што потпишувале употребни дозволи.
На обвинителната клупа ќе се најдат и тројца поранешни градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, кои во различни периоди потпишувале документи поврзани со легализација и безбедност на објектот.
Во постапката се вклучени и двајца поранешни министри за економија – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како и поранешна државна секретарка во Министерството за економија, поради сомневање дека со своето постапување или непостапување придонеле за нерегуларностите при издавање на дозволите за работа.
Меѓу обвинетите се и директори и инспектори од повеќе државни институции – од секторите за заштита при работа, техничка инспекција и противпожарна безбедност.
Обвинението ги товари сите за тешки дела против општата сигурност, злоупотреба на службената положба и фалсификување службени исправи, со што, според обвинителството, била овозможена незаконската работа на дискотеката без соодветни противпожарни системи и дозволи.
Процесот се очекува да биде долг и сложен, со голем број сведоци и експерти. Одбраната најавува дека ќе бара раздвојување на постапката, додека семејствата на жртвите се надеваат на брза и праведна разрешница.
Судењето почнува следната недела, на 19 ноември, а првите рочишта ќе бидат посветени на читање на обвинителниот акт и изјаснување на обвинетите.
![]()

