Николоски: Дрско му одговорив на бугарскиот новинар бидејќи БГНЕС постојано провоцира и вадат приказни

„Една новинска агенција (во Бугарија), по некоја случајност во сопственост на скопјанец, е цело време таа која провоцира. Се работи за БГНЕС. Настапот беше токму од БГНЕС, за вечерта сопственикот на БГНЕС да излезе на бугарската национална телевизија „БНТ“ и да каже: „Вработени на пристаништето во Бургас му кажале дека Коридорот 8 нема да се изгради затоа што Русите ме контролирале мене и Караџов и дека ние лажеме и нема да изградиме“. За мене вели дека „покрај Русите, ме контролирале и Грците и Србите“. Во 21 век вакви приказни се надвор од памет. Затоа бев така дрзок во одговорот“, изјави синоќа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски запрашан за потпишувањето на Договорот за изградба на меѓуграничниот тунел на пругата од Коридорот 8 на железничката станица „Ѓуешево“ и провокативното прашање упатено кон него од еден бугарски новинар, потсетувајќи го на неговата ланска изјава во која ги нарече Бугарите нецивилизирани.

Министерот во емисијата „Топ тема“ додаде и дека „нема на друг начин како да комуницирате во такви услови каде што информацијата станува пропаганда“.

Пред една недела, Николоски му порача на новинар од Бугарија дека на „Ѓуешево“ се зборувало за инженерски проблеми на проектот, а не за политички проблеми.

-Тоа што вие и ваши колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа денеска сме тука. Мислам дека доволно одговорив, кажа Николоски на новинарско прашање. По ова, вицепремиерот беше запрашан дали ќе се извини за таквите изјави, на што немаше одговор.

Loading