
пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
Додека претседателката зборува за реалноста, некои политичари го слушаат само своето ехо…
Во политичкиот театар што трае веќе три децении, европските извештаи станаа своевидни годишни испитни сесии. Нешто како колоквиуми на нацијата. Понекогаш паѓаме, понекогаш сме „делумно подготвени“, а понекогаш едноставно ни велат дека можеме подобро, но не ни кажуваат како да го поправиме тестот. Овој најнов извештај, според дел од политичките актери, е еден од најлошите во изминатите години. Но можеби вистинското прашање не е колку е лош извештајот, туку зошто повторно сме таму каде што сме?
Ако македонската политика имаше огледало, одамна ќе се скршеше од срам. Но бидејќи нема, нè остава да гледаме како едни истите актери се обидуваат повторно да го исперат лицето пред Брисел со домашен прашок. Среќа што барем овој пат претседателката Сиљановска Давкова реши да каже нешто што одамна требаше да се каже: дека Европската унија не е безгрешен учител, а ние не сме ученикот кој постојано ѕирка во тетратката на соседот.
Тоа, во превод, значи дека конечно имаме државник кој не се плаши да каже дека „евалуацијата“ често е политички филтрирана, со двојни стандарди, доцнење и геополитички калкулации. Што е, да не се лажеме, апсолутна вистина. Балканот одамна го оставија на чекање пред вратата на ЕУ, додека САД повеќепати влегуваа и излегуваа од регионот со брзина што Европа може само да и завиди.
Но секогаш ќе се најде некој политичар кој мисли дека ова е моментот за „театарска претстава“. И еве го Филипче, некогашен министер, денес ново лице со стара реторика: апокалипса, крај, катастрофа, „еден од најлошите извештаи“. Ако продолжи со ова темпо, ќе дознаеме дека Македонија исчезнала од картата, а ние тоа не сме го забележале.
Секако, критики има. И треба да има. И претседателката не ги игнорира, напротив, ги адресира со трезвеност и институционален тон. Но разликата е огромна: таа зборува за реалноста, а Филипче зборува за кампања. Таа предупредува дека моментот е нестабилен, опасно сличен на време „пред војна“, а тој, како хирург кој го заборавил пациентот на маса сега открива дека „немало реформи“.
Навистина? Па каде беше додека чекавме години за европска волја, додека се менуваа услови, додека Бугарија го држеше пенкалото со кое се пишуваше нашата европска судбина?
Ох, да, се сеќавам. Беше дел од власта која уверуваше дека „се е под контрола“.
Денес, кога претседателката јасно и одговорно вели дека уставните измени се политичка обврска, но истовремено посочува дека ЕУ нема доследна политика, тој одеднаш е најголемиот европски обвинител. Иронијата е толку дебела што не може да се пресече со скалпел.
Особено апсурдно е плачењето околу „економските пропусти“. Токму тие пропусти, фискални, структурни, реформски и не паднаа од небо. Потребна е огромна храброст да зборуваш за економско доцнење во држава која ја остави со разнишани институции, нефункционални политики и хронична зависност од грантови.
Но најдобро од сè е неговото „Ова е еден од најлошите извештаи“.
Па, нормално дека ќе ти изгледа лошо ако си го читаш резултатот од сопствените години на стагнација.
Претседателката зборува за стратегија, за европски недоследности, за политичка трезвеност. Тоа е државнички тон. Усогласен со ситуацијата, со реалноста, со геополитиката.
Филипче зборува за тоа дека „Македонија стои во место“.
Не, господине, Македонија стои во место затоа што ѝ требаат години да ги исчисти последиците од вашите „напредни“ политики.
Иронично, додека претседателката бара визија, одговорност и свесност за сложениот глобален контекст, тој бара микрофон.
Во оваа приказна, едната страна нуди државништво, другата драматизација.
Едната гледа кон Брисел со критички реализам, другата гледа кон избори.
Едната бара момент да се разбере Европа, другата бара момент да ја обвини Македонија.
И ако нешто навистина го задржува овој народ во место, тоа не се извештаите, не се уставните измени, не е Брисел.
Тоа се политичарите кои ја користат европската интеграција како прес-конференција, наместо како национален приоритет.
Затоа, да… време е за поинаков тон. За тон што го кажува она што навистина го гледаме.
И ако треба да избереме меѓу државник и драматург, Македонија одамна треба да знае што ѝ е поважно.
![]()

