Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Брисел испрати порака дека Македонија останува силно фокусирана на својот европски пат. По средбата со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, тој нагласи дека Владата на државата е целосно посветена на реформските процеси што се клучни за напредокот во преговорите со Европската унија.
На средбата, како што соопшти Муцунски преку својот профил на Инстаграм, било разговарано за динамиката на реформите, за законските решенија што се дел од евроинтегративната агенда, како и за приоритетите што следат во периодот по локалните избори. Комесарката Кос, според него, го поздравила континуитетот во реформите и ја потврдила поддршката на Европската комисија за македонскиот пат кон членство.

Посебно внимание било посветено на безбедносните предизвици, кои во контекст на актуелните геополитички случувања стануваат сè поважен дел од европската интеграција. Муцунски информираше дека со Кос разговарале за зајакнување на соработката во сферата на безбедноста и одбраната, но и за справувањето со хибридните закани, кои се заеднички ризик за целиот регион.
Шефот на македонската дипломатија престојува во Брисел на покана на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, каде денеска ќе учествува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи. На овој состанок, како што информира МНР, во фокусот ќе биде унапредувањето на соработката меѓу ЕУ и земјите од регионот, со акцент на зајакнување на демократската отпорност, регионалната безбедност и координиран одговор на хибридните закани.
Македонија, како што се чини од најновите средби, сака да испрати јасен сигнал: европската агенда останува врвен државен приоритет, а безбедносната соработка станува сè поважен дел од тој процес.
![]()

