Парламентот не смее да биде суд: опасната неукост и театралност зад барањата за „преиспитување“ на пресуди
Во секоја правно уредена држава важи едно темелно начело: парламентот носи закони, судовите пресудуваат. Оваа поделба не е техничка или формална, туку суштинска гаранција за независна правда. Но кога неукоста, политичкиот аматеризам и дневната потреба за театралност ќе станат поважни од уставните ограничувања, тогаш институциите почнуваат да се претвораат во сцени за политички перформанс.
Токму таков е случајот со најавите и иницијативите Собранието да отвора расправи и да формира комисија за случаи што веќе имаат правосилни судски пресуди. Правниот систем има недвосмислен термин за тоа – res judicata, пресудена и завршена работа. И токму тука почнува апсурдот: предлагачите на ваквата комисија демонстрираат длабока неукост за основните правни принципи, притоа упакувана во политичка театралност која служи само за јавен ефект, а не за вистинска одговорност.
Парламентарна злоупотреба на анкетната комисија под превезот на „заштита на правата“
Последниот потег на претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, кој најави закажување посебна седница за разгледување претставка од „Здружението 16 Март“, отвора уште едно суштинско прашање: дали оваа комисија воопшто има уставна и законска надлежност да расправа за предмет што е веќе во фаза на кривично гонење и судска постапка? Формално, ваквата комисија е создадена за да штити индивидуални права во случаи на административни или институционални злоупотреби, а не да преиспитува факти и одговорности поврзани со кривични дела, особено не во ситуации во кои обвинителството веќе има поднесено обвинение. Најавата за поканување на родителски здруженија и водење јавна расправа за „изнесените наводи“ во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ создава впечаток на политички перформанс, а не на институционална сериозност. Наместо да се почитува автономијата на судската власт, ваквите иницијативи ја ставаат Комисијата во улога што не ѝ припаѓа и го ризикуваат принципот на еднаквост на сите пред судот. Во пракса, тоа претставува погрешна употреба на парламентарниот инструментариум и дополнителна ерозија на веќе кревката линија меѓу политиката и правдата.
Театралност наместо институционална сериозност
Кога политичари, под лозунгот „отворена дебата“, се обидуваат да преиспитуваат правосилни пресуди, тоа не е реформа, ниту транспарентност. Тоа е политички театар, обид да се создаде впечаток дека се дејствува, иако правните механизми се одамна исцрпени.
Наместо да признаат дека ги преспале критичните моменти кога можеле да бараат одговорност, одеднаш – пост фактум – се будат и играат улоги што не им припаѓаат: обвинители, истражители, судии. Ароганцијата да се мисли дека парламентот може да ја прераскаже историјата на судските процеси ја разоткрива не само неукоста, туку и недостигот на институционален интегритет.
Универзитетски професор по уставно право веќе укажа дека преиспитувањето на предмети како Ласкарци, модуларната болница во Тетово и „Беса транс“ е спротивно на правото, бидејќи има правосилни пресуди. Неговите ставови само ја потврдуваат тезата што е очигледна на секој што ги познава уставните рамки: ова не е прашање на политика, туку на правна неписменост и политичка глума.
Неукост како институционален ризик
Особено драматично е што предлагачите на точките на дневен ред на оваа комисија не покажуваат минимално разбирање за разликата меѓу:
-
кривично-правна одговорност,
-
политичка одговорност,
-
парламентарна контрола,
-
и судска независност.
Нивните настапи се сведуваат на вулгаризирани толкувања на правото, на орнаментирани говори исполнети со патетика, но без елементарна правна логика. Кога легислативци не ја разбираат сопствената улога, тоа не е само личен недостаток – тоа е опасност за системот.
Кога трагедиите стануваат материјал за политички перформанси. Трагедијата во Кочани е најилустративниот пример. Парламентот, кој не најде ни сила, ни зрелост да организира комеморативна седница, сега – откако обвинението е поднесено и судскиот процес започнат – сака да си земе улога во нешто што одамна не е негова работа. Тоа не е грижа за жртвите; тоа е институционална поза, задоцнета и бесмислена.
Правните механизми за реакција постојат, но имаат свој рок. Кога тој рок ќе биде преспан, секој обид за доигрување изгледа само како политичка претстава на сметка на трагични настани.
Падот на стандардите како нова нормалност. Кога неукоста станува поважна од правната држава, а театралноста поважна од уставноста, тогаш државата полека се лизга во опасна зона. Денес се преиспитуваат трагедии, утре можеби ќе се преиспитува секој судски процес што не одговара на политичката наративна потреба на одредена група.
Таквите преседани не се само погрешни – тие се разрушувачки.
Парламентот мора да се врати во својата уставна улога и да престане да глуми институции што не е. Правосилните пресуди не се материјал за политички перформанси, ниту поле за дневни битки. Тие се темелот на правниот поредок.
Колку и да е примамливо за дел од политичарите да создаваат театрален впечаток на активност, тоа не смее да биде на сметка на судската независност. Во спротивно, ќе добиеме држава во која правото е сценографија, а политичката волја – единствениот режисер.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет
![]()

