Пишува: Блаже Аризанов
ВО ОДБРАНА НА ВИТАЛНИОТ ЦЕНТАР
Терминот буржоазија обично и го асоцираме на левицата. Но истиот во не така мала мера го користи и десницата. И двете го користат во дерогативна смисла. И левицата и десницата негуваат презир кон буржоазијата.
Да појасниме прво што подразбираме под буржоазија. Модерен либерален поредок базиран на индивидуални права, слободна и доброволна размена, семејна стабилност, и приватна потрага по среќа. Тогаш што имаат левицата и десницата против овие работи?
Левицата ја мрази буржоазијата бидејќи ја смета за премногу конформистичка и материјалистичка, непријателски настроена кон либерационизмот (ослободувањето на индивидуата од традиционални општествени стеги) и ја попречува револуционерната трансформација на личноста. Десницата ја мрази буржоазијата бидејќи е премногу фокусирана на удобност, ја смета за духовно празна, не остава простор за хиерархии, големина и хероизам.
Од овде гледаме зошто и радикалната левица и радикалната десница го презираат либерализмот и парламентарната демократија. Радикалната десница не сакаат државата да има ограничен мандат бидејќи тоа ги оневозможува да ја искористат за да ја воведат нивната верзија на морално и хиерархиско општество. Радикалната левица не сака државата да има ограничен мандат бидејќи тоа ги оневозможува да ја искористат во реализација на прогресивен односно утопистички свет без хиерархии.
Во САД, буржоазиското либерално општество беше изградено врз принципите на Просветителството елаборирани од страна на Лок, Смит, и Монтеску. Истото инсистира на умереност, наспроти утопија, повеќе индивидуални права наспроти колективни, повеќе мир и трговија наспроти хероизам.
Но во Европа кон средината на 19ти век се јави реакција против Просветителството и буржоазискиот начин на живот преточен преку парламентарната демократија. И Европската левица и Европската десница се кренаа против Просветителството и го обвинија неговиот политички поредок – либерализмот за плиткост бидејќи истото не остава простор за трасцеденталното.
На страната на левицата темелот на реакционерството го постави Хегел, подоцна Маркс, додека на страната на десницата темелот на реакционерството го постави Ниче а подоцна Хеидегер. Најпрвин Хегел ја прогласи буржоазијата за извор на медиокритет, Маркс и Ниче ја претставија буржоазијата како кукавичка, антихеројска, лажна, експлоатирачка. После Војната Француските Егзистенцијалисти како Жан Пол Сартр и Леотард дополнително ја прогласија буржоазијата како чувар на опресивен институционален поредок.
За разлика од Европа каде реакцијата против Просветителството доведе до подем на колективистички режими како што се комунизмот и фашизмот, буржоазискиот начин на живот продолжи со процут во САД. Затоа постепено Европските континентални философи почнаа да го проектираат својот презир кон буржоазијата и модернизмот врз Америка, прогласувајќи ја Америка за плитка, комерцијална, материјалистичка. Во 20тиот век анти-буржоазијата ќе стане дефакто анти-Американизам. Америка стана симбол на триумфот на буржоазискиот начин на живот. Би било добро доколку Македонските реакционери се попрецизни во нивната омраза спрема Западот бидејќи Германија на пример како и цела западна Европа исто така има своја верзија на омразениот Запад, лоцирана уште повеќе на запад, односно во САД.
Траумите на Втората Светска Војна привремено ги донесе левицата и десницата кон центарот и се воспостави таканаречениот либерален консенсуз, за да истиот постепено почне да се напушта после 60тите, најпрвин од левицата откако Францускиот егзистенцијализам и Германскиот нихилизам ќе пробие во Американските универзитети. Обновениот ребрендиран, но во суштина исти напад врз буржоазијата парадоксално ќе биде лансиран токму од страна на интелектуалците. Затоа во Капитализам Социјализам и Демократија, Јозеф Шумпетер напиша дека гробарот на капитализмот нема да бидат пролетерите туку токму децата на капитализмот односно новопечените интелектуации, професори, боеми, родени со златна лажичка.
На новооткриениот презир на левицата кон буржоазијата кон крајот на 90тите ќе се приклони и десницата. Последнава деценија гледаме приближување на левицата и десницата во нова “коњска потковица” исто како во периодот меѓу двете светски војни. Нишката која ги обединува е повторно иста. Презир кон индивидуалните права и слободниот пазар. Од суштествена важност за тебе, за мене, припадниците на средната класа односно буржоазијата е да се обединиме против овој агресивен напад на левицата и десницата врз буржоазиските вредности да го заштитиме таканаречениот витален центар .
Виталниот центар е концепт со кој се произнесе Arthur Schlesinger Jr во истоимената книга од 1949 година. Терминот витален центар е референца кон класичниот либерализам кој застанува во одбрана на плурализмот, индивидуалните права, патриотизмот, како и ограничена социјална држава без никакви утописки мандати. Утопистичката левица и популистичката десница најмногу се плашат од таквиот витален центар и затоа веќе почнуваат напади врз него, го етикетираат како “екстремен” центар а сите кои припаѓаат во него како идиоти, аполитични, соучесници во таканаречена структурна опресија.
Радикалната десница и радикалната левицата го мразат виталниот центар бидејќи делува како браник против нивните романтични, трибални шепотења и реакционерство. Нé мразат нас кои одбиваме да ја сведиме политиката на zero-sum војна меѓу племиња. Нé мразат бидејќи се залагаме за зачувување на наследството од Просветителството, одбиваме било каква форма на идентитетска политика и се залагаме за нација и поредок во која индивидуата а не идентитетската група е сеуште во центарот.
Да го одбраниме виталниот центар како фактичкиот столб на цивилизацијата. Да го одржиме во живот и да одолееме на племенските завивања на нихилистичката левица и популистичката десница и нивните воени тапани.
![]()

