„Safe City“ ПОЧНА: Ако брзаш, барем насмевни се – камера те снима!

Од денеска, 1 декември, започнува пробното функционирање на системот „Безбеден град, безбедна држава“, познат и како „Safe City“. Камерите низ државата веќе снимаат и автоматски регистрираат сообраќајни прекршоци, со цел подобрување на безбедноста и намалување на несреќите на патиштата.

Според Министерството за внатрешни работи, до крајот на годината следи пробен период во кој прекршителите ќе добиваат само предупредувања, без изрекување казни. Од јануари системот влегува во целосна примена, а секој документиран сообраќаен прекршок ќе биде санкциониран без толеранција на брзина – без разлика дали прекршокот е направен во населено или ненаселено место.

Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, објаснува дека секој сопственик на возило подложен на прекршок ќе добие СМС и мејл известување со линк за преземање записник и платен налог.

Од моментот на приемот започнува рок од осум дена во кој може да се плати половина од изречената казна. По истекот на овој период, во следните осум дена глобата мора да се плати во целост, пред да започне постапката за присилна наплата.

Казните ќе можат да се платат и електронски, при што системот веднаш ќе го известува МВР за извршената уплата.

Со стартот на „Safe City“, МВР очекува значително намалување на сообраќајните прекршоци и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Loading