Вишиот управен суд ја одби жалбата на политичката партија Левица поднесена против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), со што уште еднаш беше потврдено дека Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 останува во целост законито.
На седницата одржана на 6 ноември 2025 година, судот оцени дека претходната одлука на Управниот суд била правилно донесена и дека со неа не се нарушени правата на партијата Левица. Со тоа пропадна нивниот обид да се поништи Упатството кое АВМУ го изработи како насока за медиумите во текот на изборниот процес.
Според АВМУ, Упатството служи за појаснување на начинот на примена на Изборниот законик – од распределба на платено политичко рекламирање, преку третманот во вестите на јавниот сервис, до обезбедување пристапност на содржини поврзани со изборите.
Од Агенцијата по одлуката порачаа дека ова е уште една потврда дека институцијата работи професионално, транспарентно и согласно законските прописи. Со претходните одлуки на Управниот и Основниот граѓански суд, а сега и со пресудата на Вишиот управен суд, правната позиција на АВМУ останува непроменета.
Одлуката де факто става точка на оваа правна постапка, оставајќи го Упатството активно во пресрет на локалните избори 2025.
![]()

