Собранието на МАКСИМУМ РИТАМ: КОРУПЦИЈА, ТРАГЕДИИ, ИЗБОРИ и ЗАКОНИ – сè под ЕДЕН КРОВ

Собранието на турбо-режим: Денес ќе решава сè – од корупција до Кочани, па и малку ДДВ, да не остане нешто недопрено

Собранието денес ја стартува 72-та пленарна седница, со дневен ред подолг од роман. Пратениците ќе се обидат да поминат низ него со добро познатиот парламентарен ентузијазам – значи, полека, гласно и со многу паузи.

Најпрво, на маса ја чека одлуката за нов шеф на Антикорупциската комисија. За функцијата е предложен сегашниот генерален секретар Адем Чучуљ – бидејќи кој подобро да ја води борбата со корупцијата од човек кој веќе одамна ја гледа одблизу?

Следно, пратениците ќе расправаат за формирање две Анкетни комисии за трагедиите низ државата. Едната е од владејачкото мнозинство и треба да опфати сè, од Кочани до Ласкарци – пакет аранжман. Другата, предложена од Левица, СДСМ и ДУИ, се фокусира конкретно на кочанската трагедија од март 2025. Па да има избор – кој сака општо, кој сака детално.

Потоа следуваат избори и огласи за разни тела и агенции: високо образование, антидискриминација, слободен пристап до информации… Ден за вработување, само што не се работни позиции, туку „високи функции“.

Не застанува тука. На ред доаѓаат и неколку закони во второ читање – ДДВ, аудиовизуелни услуги, правата на заедниците под 20%, па дури и претворање државни побарувања во влог за спортски објекти. Кога веќе ќе се отвори законодавната лента, зошто да не се пушти и нешто за спорт?

За десерт – измените на Изборниот законик по итна постапка. Секако итно. Секогаш е итно кога се ближат избори или кога некој забележал дека нешто „можело и подобро“.

И ако мислевте дека тоа е тоа – има и закони по скратена постапка: градење, инвестиции, средно и основно образование. Сè да се среди пред викенд, да нема грешка.

Седница со богат дневен ред – доволно за да не се досадуваат пратениците. Ништо, ќе преживеат. На крајот на краиштата, тоа им е работа. Или барем така пишува во описот на работното место.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

Loading