Адем Чучуљ избран за нов претседател на Антикорупциската комисија
Државната комисија за спречување корупција доби нов претседател. Со поддршка од 82 пратеници, на функцијата е избран Адем Чучуљ, долгогодишен член и генерален секретар на институцијата. Ова е првпат Комисијата да ја води човек кој речиси две децении е дел од нејзиниот професионален кадар.
Чучуљ е дел од ДКСК од 2006 година, кога институцијата имала само шест вработени. Кариерата ја започнал како записничар, а изминатите години учествувал во изработка на стратегии, анализи и комуникациски материјали, сè до неговото изборно именување за генерален секретар минатата година.
Тежок предизвик на почетокот од мандатот
Неговиот избор следи по оставката на досегашната претседателка Татјана Димитровска, која се повлече летово по обвиненија за оддавање службена тајна во корупциски предмет и измама при добивање сертификат за класифицирани информации.
Според аналитичарот Миша Поповиќ од Институтот за демократија, кој учествуваше во собраниските интервјуа за избор на нов претседател, Чучуљ се соочува со „не лесна задача“. Тој смета дека најважно ќе биде Комисијата барем да го запре трендот на назадување во борбата против корупцијата што е евидентен во последните години.
Критики за пасивност и избегнување чувствителни предмети
Актуелниот состав на ДКСК под водство на Димитровска беше критикуван за непостапување по високопрофилни случаи, меѓу кои и предмети поврзани со премиерот и раководните структури на разузнавачките служби. Комисијата не отвори дополнителна постапка за патните трошоци на синот на премиерот Христијан Мицкоски, ниту пак утврди надлежност за законитоста во назначувањата на директорот на АНБ и заменик директорката на Агенцијата за разузнавање.
Репутацијата на Комисијата беше проблем и на меѓународно ниво. Европската комисија во својот последен извештај посочи дека ДКСК „се двоуми да ги решава политички чувствителните случаи“ и дека комуникацијата со јавноста е недоволна.
По заминувањето на Димитровска, дел од членовите сведочеа дека таа ја водела институцијата со силна контрола и дека одредени предмети биле намерно забавувани.
Очекувања и неизвесности
Иако изборот на искусен инсајдер како Чучуљ се смета за логичен потег, останува отворено прашањето дали истиот состав на Комисијата ќе успее да покаже поголема независност, проактивност и подготвеност да се спротивстави на политичките центри на моќ.
Пред новиот претседател е задача да го обнови кредибилитетот на институцијата и да ја засили нејзината улога во спречувањето и откривањето корупција, во период кога очекувањата од граѓаните и меѓународните партнери се повисоки од кога било.
![]()

