❓Ако Буџетот е „во топ форма“, ШТО СЕ КРИЕ зад новиот кредит?

Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска категорично тврди дека државата не се задолжува над предвиденото за годинава, по информациите дека Владата земала краткорочен кредит од 30 милиони евра од домашна банка за покривање на буџетскиот дефицит. Таа уверува дека Буџетот е ликвиден и во „одлична кондиција“, а дека доцнењето на исплатите преку апликацијата „Мој ДДВ“ се должи исклучиво на технички, а не финансиски причини.

Одлуката за задолжувањето беше објавена во Службен весник минатата недела, но без детали за рокот на враќање и каматната стапка. Кочоска појаснува дека ваквиот кредит е дел од рамката утврдена со Буџетот за 2025 година. Министерството веќе ги анализира меѓународните финансиски пазари и подготвува план за идно задолжување, вклучително и преку еврообврзница, со цел рефинансирање стари долгови и покривање на буџетскиот минус за следната година.

На денешната средба со словачкиот министер за финансии, Кочоска истакна дека државата навреме ги извршува и повратите на ДДВ кон компаниите. Таа додаде дека воведувањето на електронската фактура (е-фактура) ќе придонесе за модернизација на системот, намалување на злоупотребите и спречување на идни доцнења во повратот на данокот. Според министерката, доколку дигиталните системи се надградувале навреме, денес немало да се соочуваме со вакви предизвици.

Министерството за финансии останува на ставот дека јавните финансии се стабилни и дека тековните технички проблеми ќе бидат надминати во најкус можен рок.

Loading