КОЈ ЌЕ ГО ВОДИ Советот на јавни обвинители?

Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија денеска ја одржува својата 32. седница, на која се очекува да биде избран нов претседател на Советот. Оваа точка е од особено значење, бидејќи функцијата претседател остана испразнета по истекот на мандатот на досегашната претседателка Душица Димитриеска на 1 октомври годинава.

На 28-та седница што се одржа на 30 септември, Советот ја донесе одлуката за престанок на нејзината функција поради истек на мандатот, а изборот на нов претседател беше одложен поради текот на локалните избори. До официјалниот избор на ново раководно лице, со работата на Советот управува заменик-претседателот Башким Бесими.

Покрај изборот на нов претседател, на дневен ред на денешната седница се најдоа и други значајни точки. Меѓу нив е донесување одлука за престанок на функцијата јавен обвинител по сопствено барање, како и формирање нова Комисија за спроведување на стратегијата за комуникација и транспарентност за периодот 2025–2028.

Според објавата на официјалната веб-страница на Советот на јавни обвинители, очекувањата се дека денешната седница ќе донесе важни кадровски и стратешки одлуки за понатамошното функционирање на институцијата.

Loading