Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник од Левица, Димитар Апасиев, ја прекина денешната седница на Комисијата посветена на претставката поднесена од Здружението „16 март 2025 Кочани“, формирано од родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој најави дека продолжението, на кое треба да се усвојат заклучоци, ќе биде дополнително закажано.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, изјави дека трагедијата е последица на системско непостапување и толерирање на незаконски приватни интереси, со што се загрозуваат човековите права, особено кога профитот е ставен над безбедноста.
Претставничката на здружението, Марија Петрушова, побара случајот да се третира како сериозна повреда на правото на живот и ја истакна потребата од целосна институционална поддршка, транспарентни одговори за доцнењата и јасни рокови за сите постапки поврзани со трагедијата.
Минатата недела Собранието формираше Анкетна комисија за утврдување на околностите за повеќе трагедии во државата, меѓу кои и пожарот во „Пулс“.
Судењето за овој случај започна на 19 ноември во КПУ Идризово и се води под засилени безбедносни мерки. На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници и други службени лица.
![]()

