Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро ја критикуваше Владата поради пренамената на 780 милиони денари од ставката за модернизација на одбраната во државниот буџет. Според него, со оваа одлука Македонија директно отстапува од НАТО-стандардите и испраќа лош сигнал кон САД, кои инсистираат на зголемување на одбранските буџети на земјите-членки.
„Дали праќаме сигнал дека не сме кредибилен партнер во НАТО, во време кога американската администрација бара зголемување на процентите за одбрана, а ние ги намалуваме?“ праша Филипче, предупредувајќи дека потегот може да го загрози партнерството со САД.
Тој оцени дека буџетот е лошо испланиран, нереформиран и не ги одразува реалните потреби на граѓаните. Според него, нема зголемување на платите, се намалуваат средствата за ранливите категории, а ставката за капитални инвестиции останува премала. Дополнително посочи и на буџетската дупка од една милијарда евра за тековната година, што, како што рече, ќе доведе до дополнително задолжување.
По прес-конференцијата, со реакција се огласи Министерството за одбрана, демантирајќи ги тврдењата. Оттаму велат дека не станува збор за намалување, туку за одложување на дел од плаќањата поради доцнење на испораките на американска опрема. Одложувањето, според Министерството, е резултат на зголемена глобална побарувачка и барања од американските производители.
„Дел од средствата планирани за царина привремено се ослободуваат, но остануваат во буџетот за одбрана и ќе бидат искористени за потребите на Армијата“, стои во соопштението.
![]()

