Адвокатите со остри критики кон обвинението за трагедијата во Кочани: „Обвинителниот акт е памфлет, теоријата за каузалитет – нонсенс“

Адвокатите на обвинетите го оспорија обвинителниот акт за трагедијата во Кочани

На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната остро го нападна обвинителниот акт, оценувајќи го како нелогичен, неоснован и селективен. Адвокатот Петре Шилегов, кој го застапува обвинетиот Шефкет Хазири од Министерството за економија, изјави дека документот претставува „обичен памфлет“, а теоријата за каузалитет врз која се темели обвинението ја нарече „огромна глупост“.

Шилегов нагласи дека лиценците за работа се обновуваат секоја година, па затоа лиценцата издадена во 2013 година не може да има правно дејство за работата на дискотеката во моментот на трагедијата. Според него, обвинителството прави сериозен пропуст во утврдувањето на одговорноста и треба да го повлече предметот за да го доработи квалитетно.

Во своето обраќање, адвокатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот службеник во Министерството за економија Зоран Николовски, објасни дека во 2013 година за барањето за лиценца биле побарани мислења од Државниот пазарен инспекторат. Првиот одговор бил негативен, по што лиценцата била одбиена, а по дополнителна проверка Инспекторатот дал позитивно мислење и лиценцата била одобрена.

Миланов праша: „Која е кривичната одговорност или каузалната врска меѓу постапувањето на Николовски во 2013 година и пожарот што се случи во 2025-та?“

Воведни излагања на денешната рочиште дадоа и адвокатите на обвинетите од Министерството за економија — Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ. Се обратија и бранителите на пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, како и обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Loading