ПО 34 МАРШЕВИ: ЌЕ ЈА ВРАТИ ЛИ НОВИОТ ОБВИНИТЕЛ ИСТРАГАТА ЗА „ПУЛС“ НА ПОЧЕТОКОТ?

Родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани вчера го одржаа 34. „Марш за ангелите“, повторно излегувајќи на улица со јасна и непроменета порака: трагедијата не била несреќа, туку последица на системски пропусти, премолчување и неодговорност.

Маршот се движеше по веќе познатата рута – од „Паркот на револуцијата“ до зградите на судот и обвинителството во Кочани. Со кратки застои на клучни точки, родителите испратија пораки за правда, одговорност и целосно проширување на истрагата. Во еден момент, кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, сообраќајот беше накратко блокиран, што предизвика реакции од дел од возачите – сцена што, според семејствата, ја отсликува судбината на нивната болка во систем што продолжува да функционира како ништо да не се случило.

Во фокусот на денешните обраќања беше оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Родителите ја оценија како задоцнета и директно ја поврзаа со начинот на кој, според нив, била водена истрагата по трагедијата. Тие побараа новиот државен обвинител, кој допрва треба да биде избран, да го преиспита предметот „Пулс“ од самиот почеток.

„Бараме истрага што ќе утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил“, порачаа родителите, нагласувајќи дека одговорноста не смее да заврши кај „најлесните“ имиња.

Александар Наунов, татко на загинато девојче, изјави дека семејствата се гневни затоа што постојат лица за кои јавноста основано знае дека имаат одговорност, но не се опфатени со истрагата. „Нашите деца не се бројка. Ние нема да се откажеме од вистината“, порача тој.

Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, рече дека истрагата, според неа, не ја допрела суштината. Таа обвини дека гонењето на „неколку ситни функционери“ создало привид на правда, додека вистинските носители на моќ и одговорност останале недопирливи.

Случајот паралелно влегува и во судска фаза. Во судницата во Идризово во тек е судење против 35 физички и три правни лица, обвинети за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Процесот започна на 19 ноември и моментално е во фаза на воведни зборови, а следното рочиште е закажано за 25 декември.

За родителите, оставката на државниот обвинител не е политички чин, туку уште еден доказ дека системот реагира под притисок, а не од морална обврска. Затоа тие инсистираат новиот обвинител да не продолжи по истата линија, туку да ја врати постапката на почетните, суштински прашања – прашања од кои, според нив, зависи дали оваа трагедија навистина ќе добие правда.

Loading