ВМРО-ДПМНЕ реагираше на последното соопштение на СДСМ, оценувајќи дека наместо аргументи и факти, опозициската партија користи навреди и уличен речник, без да демантира ниту еден од наводите поврзани со наводната изградба на 40-катница на поранешниот премиер Зоран Заев во Дубаи.
Според владејачката партија, реакцијата на СДСМ претставува индиректна потврда на тврдењата изнесени од Валентин Манасиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој посочи дека Заев инвестира во луксузен облакодер во Дубаи, со наводна асистенција од Венко Филипче.
„Во реакцијата на СДСМ нема ниту збор демант. Наместо одговори, тие нудат навреди и етикети, што јасно укажува дека погодивме во целта“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата дополнително прашуваат дали СДСМ е опозиција во Македонија или, како што велат, делува во интерес на други политички центри во регионот, алудирајќи на релациите со Србија.
„Зоран Заев треба лично да излезе пред јавноста и да објасни што гради во Дубаи, од каде му се средствата и каква е улогата на Венко Филипче во целиот аранжман. Како од бизнис со бостан се стигнува до изградба на облакодери во Дубаи?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, СДСМ го нарече Манасиевски „првиот македонски бот“, користејќи саркастичен тон и прекари, но без да се осврне на суштината на обвинувањата. Според ВМРО-ДПМНЕ, токму отсуството на демант е најсилниот индикатор дека јавноста има право да бара одговори.
![]()

