ПАЦИЕНТИТЕ ЌЕ БИДАТ ИЗНЕНАДЕНИ: СЕ СТЕГА КОНТРОЛАТА ЗА ЛЕКОВИ НА РЕЦЕПТ

ШТО СЕ КРЧКА ВО ЗДРАВСТВОТО? ДОАЃА КРАЈ НА СЛОБОДНОТО ПРОПИШУВАЊЕ ЛЕКОВИ

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) планира да воведе мерки за ограничување на пропишувањето антибиотици од страна на матичните лекари, најави директорот на Фондот, Сашо Клековски.

Причина за ваквата одлука е загрижувачкиот податок дека во текот на минатата година е забележано 23 проценти зголемување на издавањето на антибиотикот „Сумамед“, кој се користи како последна линија во лекувањето и не треба да се применува рутински.

Според најавите, ќе се воведат квоти за пропишување антибиотици, а ист принцип ќе важи и за анксиолитиците, доколку се надминат дозволените граници. Целта е да се спречи прекумерната и несоодветна употреба на лекови, која може да доведе до антибиотска резистенција и други здравствени ризици.

Дополнително, Клековски најави дека од следната година ќе стартува системот за е-рецепт, кој веќе бил тестиран кај матични лекари и аптеки. Со воведувањето на е-рецептот ќе се овозможи подобра контрола врз количината и видот на лекови што се пропишуваат, но и заштита на лекарите од притисоци од пациенти за добивање одреден лек, без медицинска индикација.

Од ФЗОМ очекуваат дека новите мерки ќе придонесат за порационална употреба на лековите, подобра евиденција и унапредување на целокупниот здравствен систем.

Loading