ЛУКАРЕВСКА: ЗОШТО СЕ КРАТАТ СРЕДСТВАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО?

ДАЛИ ИМА ИДНИНА БЕЗ ЧИСТ ВОЗДУХ ВО МАКЕДОНИЈА?

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати остри прашања до министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, во врска со драстичното кратење на буџетските средства за заштита на животната средина и справување со аерозагадувањето.

Лукаревска посочи дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година, средствата за животна средина се намалени за 13,4%, односно за 868 милиони денари, при што најголем удар трпи токму ставката „намалување на загадувањето“. Таа е скратена за речиси 20%, а во споредба со претходната година – за речиси 50%.

„Како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година во година ги намалува средствата за оваа намена?“, праша Лукаревска, потенцирајќи дека загадениот воздух е една од најголемите закани по јавното здравје.

Таа потсети дека во 2018 година Владата предводена од СДСМ го донесе Планот за чист воздух, како прв стратешки документ со јасно определени мерки, интегриран пристап и посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето. Планот предвидуваше намалување на загадувањето во Скопје и во другите градови до 50%, а беше позитивно оценет и од Европската комисија.

„Денес, наместо надградба на тие политики, гледаме континуирано кратење на средствата. На хартија се пишуваат визии и приоритети, но реалноста покажува спротивно“, истакна пратеничката.

Лукаревска предупреди дека во Буџетот за 2026 година дополнително се планира ново намалување од 14,1%, што значи уште 727 милиони денари помалку, а вкупно над 1,2 милијарди денари помалку во споредба со Буџетот за 2025 година.

„Несвојствено е да се кратат средства за области кои се рак-рана на општеството – загадувањето, отпадните води, заштитата на природата и јавното здравје. Не се доволни препораки за ослободување од работа на ризичните групи, кога сите стануваме жртви на загадениот воздух“, нагласи таа.

На крајот, Лукаревска побара јасен одговор и конкретни мерки од Владата:
како ќе се води борбата против аерозагадувањето со се помалку пари, и дали заштитата на здравјето на граѓаните воопшто е приоритет.

Loading