Во екот на жестоките реакции од родителите против Националната стратегија за образование и најавите за воведување на родово-сензитивно и сеопфатно сексуално образование, министерката за образование Весна Јаневска денеска го пренасочи фокусот на јавноста – со најава за зголемување на платите на наставниците.
На брифинг со новинарите, Јаневска соопшти дека од март следната година наставниците ќе го добијат договореното покачување, кое ќе изнесува од 7,5 до 10 проценти, во зависност од пресметките. Според неа, ова претставува силен мотив за наставниот кадар и доказ дека Владата реализира обврски кои претходно не биле исполнети.
„Ова е мотив за наставниците. Она што досега не беше реализирано, ние го постигнавме. Дополнителен стимул е и кариерното напредување. Горда сум на успехот кој го постигнавме, што беше забележано и во извештајот на Европската комисија“, изјави Јаневска.

Но, додека фокусот беше ставен на платите и државната матура, изостана одговор на клучното прашање кое со недели ја бранува јавноста – што точно значи поимот „род“ во стратегијата и дали преку образовниот систем се отвора врата за ЛГБТИ+ и сеопфатно сексуално образование, против кое јавно се спротивставуваат бројни родителски здруженија.
https://www.facebook.com/share/p/16tNxdvNzL/
Критичарите на стратегијата сметаат дека најавата за покачување на платите доаѓа во чувствителен момент и дека таа може да се чита како обид за смирување на тензиите и пренасочување на јавната дебата од спорните содржини кон социјално поприфатлива тема.
Покрај платите, министерката најави и дека годинава ќе се одржат два вида државна матура – прилагодена за учениците од стручните училишта и непроменета за гимназиското образование. Учениците од средните стручни училишта ќе можат да полагаат државна матура и доколку не планираат да продолжат на факултет во својата струка.
Сепак, родителските организации порачуваат дека ниту покачувањата, ниту реформите во матурата не можат да го засенат она што за нив е „црвена линија“ – содржината на образованието и вредностите што им се пренесуваат на децата.
Прашањето што останува отворено е: дали најавата за подобри плати е случајно временско совпаѓањe или внимателно одбран политички потег за амортизирање на растечкиот отпор кон образовната стратегија и сексуалното образование?
A.A
![]()

