Државниот департмент на САД ги објави најновите предупредувања за патување за 2026 година, а меѓу земјите што се оценети како генерално безбедни дестинации се најде и Северна Македонија.
Овие предупредувања, кои редовно се ажурираат, имаат за цел да им обезбедат на американските граѓани навремени информации за безбедноста при меѓународни патувања, земајќи ги предвид ризиците како криминал, тероризам, политичка нестабилност, граѓански немири, пристап до здравствени услуги и природни катастрофи.
Според анализата на американскиот магазин Newsweek, земјите се поделени во четири нивоа на предупредување. Најниското ниво – „Применете вообичаени мерки на претпазливост“ – ги опфаќа државите кои се сметаат за стабилни и безбедни за туристи. Токму во оваа категорија е вклучена и Македонија, заедно со земји како Канада, Јапонија, Австралија, Швајцарија, Грција и Норвешка.
Сепак, Стејт департментот наведува дека и во дел од овие земји може да постојат одредени регионални или ситуациски безбедносни ризици, што важи и за Македонија и Хрватска. Тоа значи дека патниците треба да бидат информирани и внимателни, но не и дека земјите се небезбедни.
Во втората категорија – „Внимавајте дополнително“ се најдоа држави како Франција, Германија, Италија, Шпанија, Србија и Обединетото Кралство, додека третата и четвртата категорија опфаќаат земји со сериозно зголемени безбедносни ризици или активни конфликти, за кои се препорачува избегнување на патување.
Американските власти апелираат граѓаните редовно да ги следат официјалните препораки, да се информираат пред секое патување и да ги земат предвид локалните безбедносни услови.
Фактот што Македонија е рангирана меѓу побезбедните дестинации за 2026 година претставува позитивен сигнал за туризмот и меѓународната перцепција на земјата.
![]()

