Денес се навршуваат 14 години од смртта на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Делегација на Собранието на Македонија, во состав Емилија Ангелова и Славјанка Петровска, положи цвеќе на вечното почивалиште на Глигоров на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип и имаше клучна улога во осамостојувањето на Македонија и нејзиното меѓународно признавање. Тој беше избран за прв претседател на Република Македонија на 25 јануари 1991 година и го предводеше мирното осамостојување по референдумот од 8 септември 1991 година.
Во текот на неговиот мандат, Глигоров првпат се обрати на македонски јазик пред Обединетите нации на 8 април 1993 година, кога Македонија стана 181. членка на ОН. Тој преживеа атентат со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година и по неколкумесечно лекување се врати на функцијата на 10 јануари 1996 година. Вториот претседателски мандат го заврши на 17 ноември 1999 година.
По пензионирањето, Глигоров беше активен како публицист и автор на неколку дела, меѓу кои: „Македонија е сè што имаме“, „Атентат – ден потоа“ и „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“. Тој е основач на Фондацијата „Киро Глигоров“ и носител на Орденот на Република Македонија.
![]()

